Нов Блог на БЛОГЕРАЈ

Ги затворам очите, ја отворам устата и врескам, гласот се губи во неакустичниот простор, грч во желудникот. Се кријам зад црвените завеси, ги менувам моите патишта низ градот кој порано ги познаваше моите чекори. Сигурно патиштата по кои некогаш поминував сега го чувствуваат моето отсуство. Чекорам со спуштен поглед и гледам само онаму каде што треба да заврши мојот следен чекор.

Контаминација од највисок степен. Моите вискоки потпетици оставаат траги по калата по која газам, повеќе нема ништо друго, само кал. Еден страшен поглед, лице со иронична насмевка, ме следи насекаде, немам каде да побегнам, нема скривници, а сирените за тревога пиштат постојано, ги затворам ушите, премногу се гласни.

Воздухот смрди на застојана надеж, почнува да трули, миризбата полека почнува да ми влегува и дома. Гледам во небото, како таму да е спасот, се спрема бура, после секоја бура корените на дабот стануваат посилни, јас сум денеска даб, моите корени се веќе толку силни што и да сакам нема да можам да се поместам. Водата е матна, а кога водата ќе се имати на површината испливува тињата, ќе морам да научам да пливам во тињата за да преживеам, но дали е тоа живот?!

Два големи багреми ме кријат од светот, додека некој не реши да ги исече, денеска дрвата тука се сечат, за да неможе никој да се скрие зад нив. Некои нови дрва, млади дрва, кои немаат големи крошни под кои можеш да се скриеш виреат денес. О Боже колку сме мали!

Некој нов Бог, погрешен Бог, зол Бог ги поседнува нашите животи, живееме во фарма за мравки, но малку сме ние кои се обивуваме да побегнеме, има премногу од оние кои со задоволство градат нови тунели, складираат зрна пченица и мавтаат од под стаклото само да за му го направат денот на злиот Бог кој ги гледа, можеби ќе се смилува да им фрли малку храна, а тие до бескрај ќе шетаат низ истиот лавиринт само за негово задоволство.

јуни 28th, 2011 at 12:22 pm | Comments & Trackbacks (2) | Permalink

Јас никако, не би смеела себе си да се наречам поет.

Поетите пишуваат живот кој никогаш не го живеат, тие пишуваат стихови за нештата кои што би сакале да ги живеат, но никогаш немаат доволно време и енергија за навистина да ги преживеат поетските слики кои ги пишуваат, затоа што се слаби, неизмерно се слаби…

Јас не сум поет, и кога би се обидела да го убедам светот дека сум, само би била еден мизерен лажго, јас сум само записничар на животот, и морам да измислувам нови зборови и волшебни фрази за да го напишам мојот живот, и никогаш нема доволно силни и доволнно убави зборови кои ќе успеат да ги пренесат чудата кои ги преживувам.  А поетите, тие потоа ги позајмуваат моите фрази и моите зборови, во обидот да ја преживеат мојата убавина, но никогаш не се свесни дека моите зборови и моите фрази можат да пренесат само половина од вистинската убавина…

Не, јас никако не би смеела да се наречам себе си поет, затоа што јас не се плашам да сакам безумно, да сакам до крајаот на сите светови и два пати назад, јас никогаш нема да се плашам од тоа да ги заборавам сите зборови и на џибриш да напишам песна на моментот, само до две согласки кои се преплетуваат до бесконечност во она кое што се нарекува безумна, вечна љубов. Или можеби и не се нарекува така, но јас во мојата прозаичност имам потреба да му дадам име и можеби се претопува во песна, но на моите зборови никогаш не им е таа целта, тие немаат потреба да бидат песна, тоа се само обични прозаични записи на моментот на чудото.

Не јас не сум поет, јас  сум само тука за да ги научам поетите како се пишува песна….

февруари 21st, 2011 at 1:20 pm | Comments & Trackbacks (1) | Permalink

Светот во кој сите ние живееме е совршено прозаичен, нема тука никаква мистификација, има само совршено лиричен начин на кој истиот може да го прикажеме. Моите карактери се обични луѓе, ако некој воопшто може да дефинира што се тоа обични луѓе… кои се тие? Тие јадат грав со колбаци, макало на топол леб, многу лук, кој потоа се меша со нивните класични парфеми, но затоа дава единствен мирис по кој некој потоа копнее и неможе да го најде на ниедно друго место на светот. Затоа што најубаво е она кое што е највкусно, чии што вкусови обземаат, оставаат длабоки траги, но никој не се обидува лирично да го опише здивот потоа измешан со мирис на црно вино во кое си ги огледуваме очите. Каде е хедонизмот всушност? Каде се крие?

Сигурно не е во просечно вкусната храна и сладуњавиот вкус на мартинито и шампањот, туку е некаде помеѓу инчуните, смрдливите француски сирења за кои ако сакаме да биде до крај прозаично искрени мораме да признаеме дека мирисаат на смрдливи чорапи после фудбал, но прават експлозија во целото тело кога ќе ги вкусиме, со препечени лепчиња со лук и маслиново масло и секако хектолирти црно вино кое ги бои забите и потоа насмевките не се веќе убави како што беа пред да му се предадеме. Сигурно хедонизмот исто така живее и помеѓу двете голтки Џек Даниелс без лед, кога низ носот излегува една недефинирана топлина предизикана од изобилиото на вкус кој го напаѓа нервниот систем и бара дим од јака цигара за да го надополни. Не, сосема сум сигурна дека нема хедонизам во млитавите лирични прикази на живото, во кои се јаде морска храна на кој додатоците и го даваат вкусот и се пијат небоени пијалоци… сето тоа е толку безбојно и речиси безвкусно.

Хедонизмот е потреба за повеќе, секогаш повеќе, да се преминат границите, да се отиде од другата страна, некаде на самиот раб од општествено прифатените норми, да се ужива во прозаичноста на животот, затоа што хедонизмот е толку прозаичен, и живее некаде длабоко во нас, можеме да го достигнеме само во мигот кога ќе заборавиме на сето она кое што некогаш не спречувало да уживаме во нешто, кога ќе ги прележиме детските болести на нејадење на нешто, кога ќе пораснеме толку за да не ни е страв да се соочиме со се, најмногу со она непознатото и застрашувачкото, во мигот кога го гледаме мувлосаното сирење и знаејќи дека тоа зеленото во него (кое патем воопшто не изгледа привлечно и лирично) е мувла, а неможеме да дочекаме да го вкусиме и во мигот на вкусување ги затвораме очите и го пуштаме вкусот да отпатува до најдлабоките места на нашето постоење и воздивнуваме затоа што нема тука ништо лирично за да биде кажано или уште помалку напишано.

Во овој прозаичен свет чувствата многу лесно може да се опишат, но тогаш нема да постои поезија, затоа на крајот сепак ќе завршам со една лирична фраза само за да ја проткрепам тезата…

Никогаш не боли она кое што е кажано, најмногу боли она кое што е премолчено.

ноември 24th, 2010 at 11:33 am | Comments & Trackbacks (0) | Permalink

есен…креветот ни е тесен :)

Овој стих некако сосема суптилно влезе во мојата потсвест и полека ја одбележува оваа есен.  Така некако ќе ја преживееме. Белото летно вино, со свежи ароми, полека но сигурно преминува во црно и тешко со многу танин. Така некако ја доживувам оваа есен. Црно, ароматично, нашите полузамижени насмевки, потемнети заби, очи што сјаат. Се качуваме по скалите до нашата дома, како да патуваме кон некое небо, наше небо, небо на тишината, јас ја отклучувам вратата, чкрипи веќе цела година, но не треба да ја подмачкаме, тоа е звукот на тајниот премин.

Уште невлезени не обзема топлината на домот, мириса на нас. Креветот и големото огледало не чекаат. Недела наутро, ја дочекуваме квечерината во креветот, тој големиот кревет, кој не пречекува и не испраќа со прекорен поглед, сакајќи да ни каже дека светот надвор од него е премногу сив. Мирисот на печени костени се одбива од ѕидовите, танцува со црвените завеси, не гали, не испраќа на патување во детството и потоа некаде во иднината, се свеслува во некои други детства кои нема да бидат наши, а сепак ќе бидат толку многу наши.

Во есен, не ни треба ништо повеќе, од нас и нашиот топол дом, а всушност ништо повеќе од тоа и не постои…

октомври 18th, 2010 at 5:44 pm | Comments & Trackbacks (0) | Permalink

Што е парфемот? Дали навистина мирисот не дефинира, не тера да чувствуваме, да препознаваме, да се сеќаваме… што е сеќавањето? Дали се сеќаваме на оние околу нас или на нас самите некогаш?

Немам одговор на овие прашања, или пак го имам, но ни самата не знам дали треба да го споделам, дали треба некој друг да го дознае тоа, колку е важно како мирисаме, како се мирисаме самите себе си?!

Многу долго верував дека парфемот е тој кој не дефинира, јас во живото имав два парфеми, еден за лето и еден за зима, со нив пораснав, и во еден момент решив дека треба сепак да го променам парфемот. Многу грдо погрешив, многу… парфемот не не тера да се сеќаваме, туку едноставно ни помага да бидеме ние. Како, по ѓаволите, да бидам јас кога веќе не ни мирисам на себе си?!

Само пишувањето ми остана, по некогаш да напишам, за да знам каде сум. И сега точно знам каде сум и го сакам тоа каде што сум, само не се сакам себе си затоа што мирисам на некоја друга, некоја која што не е јас и толку мноуг се труди да биде јас, онаа која што ја сакав, можеби никој друг не ја сакаше ама јас ја сакав. Никој друг не ја познава таа жена која што никогаш немаше проблем со кризи на страста, никогаш… Нејзините кризи беа други некои кризи кои таа ги надрасна, ама погреши кога го промени парфемот.

Од прилика ова е времето кога преминував од мојот летен на мојот зимски парфем, можеби тоа е причината зошто воопшто почнав да размисувам за сево ова, а можеби се некои други земјотреси на мојот совршен свет, тоа ниту јас па ниту било кој друг нема никогаш да го дознае, јас само знам дека ужасно ми фали мојот парфем, а уште повеќе ми фали жената која можеше да си дозволи да отиде и да си го купи истиот, не за некого, туку едноставно за да се прсне со него пред легнување, и да си мириса само себе си, и на никој друг на светот, затоа што никој друг неможе да почувствува, никој, ама баш никој не е способен да жали колку тебе и да се радува колку тебе… а тоа толку ме растажува…

октомври 3rd, 2010 at 1:38 am | Comments & Trackbacks (2) | Permalink